Monday, November 26, 2012

Алшар

Алшар е рудник во длабочината на планината Кожуф, на триста метри од малото село Мајден, на 900 метри надморска височина. Во неговата внатрешност се влегува низ осум широки отвори во земјата. Тука над пет илјади години се копа злато, талиум, кристали на лорандит, антимон и други минерали. Два од осумте отвори на јамите од подземните копалишта се долги 6.000 метри со калдрма, денес многу оштетена.




                                                                         

Алшар е необично и мошне атрактивно место. Земјата е мека, исполнета со разни минерали во сите бои. Доминантна е жолтата, поради големото присуство на арсенот. Во рудникот во изобилство ја има талиумовата руда лорандит, која служи за да го детектира и лоцира неутринот, честичка со директно потекло од Сонцето која до Земјата патува за осум секунди. Единствено лорандитот ги препознава реакциите што доаѓаат директно од јадрото на Сонцето. Станува збор за мошне редок минерал, за кој е утврдено дека во целиот свет единствено во Македонија го има во чиста форма. Талиумот во Алшар, а со тоа и неутринот, по своето количество е светски, планетарен раритет. Ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата на Сонцето. Футуристички, ако во тоа успееме, човекот буквално ќе може да произведува мали сонца, кои по негова желба ќе можат да се палат и да се гасат. Овој рудник во светската наука е извор за проучување на минатото и на иднината на вселената.
 

Лево, на двесте метри од Алшар има еден вечно зелен рид, на кој не смее да стапне ниту човекова нога ниту преживари. Во земјата на ридот има талиум, отров многу поопасен и од арсенот, кој ако се внесе во организмот, го соборува секој крупен добиток што се напасува таму. Уште полево од Алшар и од ридот се наоѓаат извори со топла вода, а наспроти нив, на крајот на селото Мајден, селаните експлоатираат некаков бел минерал со кој ги перат алиштата, ги мијат садовите и ги чистат сите простории во своите домови. Овој природен правкаст минерал го има во неограничени количества. Волшебниот маѓепсан терен околу Алшар е познат меѓу локалното население како Црвена Долина и претставува вистинска енигма за научниците.

Охридско Езеро


Според начинот на настанување, Охридското Езеро претставува реткост во светски рамки. Настанало со вертикално пропаѓање на почвата, што е случај со релативно мал број езера во светот. Меѓу другите, така настанало и најдлабокото Бајкалско Езеро во Сибир, во Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското. Водите на двете езера ги населува сличен ендемичен растителен и животински свет.
Охридското Езеро со право го заслужува епитетот „македонско слатководно море“, не само поради топлата сина боја, поинтензивна и од небесното синило, туку и поради површината од 358 км2. Охридското Езеро е сместено во котлина, од сите страни опкружена со планини, чии врвови често надминуваат 2000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица со врвот Магаро (2255 м). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини. Така, се добива впечаток како за морски залив или истргнато парче морска широчина фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А, над езерото, на неговиот северен брег, како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка - Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина. 
 


Најголемата должина на Охридското Езеро изнесува околу 30 км. Неговата широчина е различна - од максималната 15 км до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151м. За бистрата вода, чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост, помагаат бројните подводни врутоци и изворите по должината на источниот и јужниот брег. Најголемиот број извори се подземни притоци од соседното Преспанско Езеро, кое се наоѓа на поголема надморска височина, исто така создадено со тектонско поместување на почвата. Најпознати извори се охридските Студенчишта, попознати како Билјанини извори, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот. Силни извори има и околу манастирот Свети Наум, 29 км јужно од Охрид, кои излегуваат од варовитите спили во подножјето на Галичица. Најпрвин водата се собира во едно живописно езерце, кое во текот на своето постоење формирало и две мали живописни островчиња. Кристално бистрата вода од езерцето преку една куса и брза рекичка се влева во Охридското Езеро. Кај Струга, водата на Охридското Езеро истекува низ реката Црн Дрим, која во Албанија се влева во Јадранското Море.
Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати во Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро биле вршени во текот на XIX век, откриле дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој на други места воопшто не постои или се среќава само во форма на фосили. Исклучително значење имаат охридските риби. Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули.
Бреговите на Охридското Езеро биле населени од предисториско време. Најстарите археолошки населби датираат од неолитскиот период, околу 6000 години п.н.е. Само на македонската страна од сливот се откриени повеќе од 170 археолошки места. Охридското Езеро се карактеризира со богата историја, култура, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за светско културно наследство под заштита на УНЕСКО.


Национален парк Галичица


Националниот парк Галичица се наоѓа во крајниот југозападен дел од Република Македонија и зазема положба меѓу двете езера - Охридското и Преспанското. Се протега на површина од 22.750 ха. За заштитен простор е прогласен во 1958 година.
Галичица се одликува со мошне богат и разновиден растителен свет - некаде преку 1000 видови, меѓу кои голем број реликти и ендеми. Единаесет од нив можат да се сретнат само на оваа планина. Галичица претставува класично наоѓалиште за 20 видови виши растенија, од кои 12 видови се познати само за оваа планина и за крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро, така што претставуваат локални ендеми. Од животинскиот свет регистрирани се 26 ендемични видови, а посебно интересна е бројноста на пеперудите - 1644 видови, што претставува огромна концентрација за толку мал простор. 

Од природните убавини доминираат пештерите Волја, Самотска Дупка и Наумова пештера. Најдолга меѓу нив е Самотска Дупка, со канал од 279 метри. Отсеците Магаро, Лако Сигној и Голем Врв и двете циркни езерца под врвот Магаро го надополнуваат мозаикот на природните богатства во Националниот парк Галичица. Од културно-историските знаменитости, концентрирани во мошне голем број на овој простор, најголемо внимание привлекуваат манастирот Св. Наум, црквата Св. Богородица Захумска, пештерската црква Св. Стефан, островот Голем Град.