Националниот парк Галичица се наоѓа во крајниот југозападен дел од Република Македонија и зазема положба меѓу двете езера - Охридското и Преспанското. Се протега на површина од 22.750 ха. За заштитен простор е прогласен во 1958 година.
Галичица се одликува со мошне богат и разновиден растителен свет - некаде преку 1000 видови, меѓу кои голем број реликти и ендеми. Единаесет од нив можат да се сретнат само на оваа планина. Галичица претставува класично наоѓалиште за 20 видови виши растенија, од кои 12 видови се познати само за оваа планина и за крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро, така што претставуваат локални ендеми. Од животинскиот свет регистрирани се 26 ендемични видови, а посебно интересна е бројноста на пеперудите - 1644 видови, што претставува огромна концентрација за толку мал простор.
Од природните убавини доминираат пештерите Волја, Самотска Дупка и Наумова пештера. Најдолга меѓу нив е Самотска Дупка, со канал од 279 метри. Отсеците Магаро, Лако Сигној и Голем Врв и двете циркни езерца под врвот Магаро го надополнуваат мозаикот на природните богатства во Националниот парк Галичица. Од културно-историските знаменитости, концентрирани во мошне голем број на овој простор, најголемо внимание привлекуваат манастирот Св. Наум, црквата Св. Богородица Захумска, пештерската црква Св. Стефан, островот Голем Град.



No comments:
Post a Comment